Новости

ПРОМОЦИЈА НА ПОЕТСКАТА КНИГА „НЕБО ВРЗ ЦРВЛИВИ ДИРЕЦИ“ ОД БОЖИН М. АНДОНОВСКИ

20.06.2025 г.
ПРОМОЦИЈА НА ПОЕТСКАТА КНИГА „НЕБО ВРЗ ЦРВЛИВИ ДИРЕЦИ“ ОД БОЖИН М. АНДОНОВСКИ

Пред многубројна публика на 19.6.2025 година во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа промоција на поетската книга „Небо врз црвливи диреци“ од Божин М. Андоновски во организација на Македонско научно друштво – Битола. За книгата која е издание на МНД, зборуваа рецензентите Борче Панов, проф. д-р Златко Жоглев и проф. д-р Гордана Стојаноска, а поезија од Андоновски читаше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД која исто така го модерираше и настанот.

„Како извонреден лиричар Андоновски постојано ни го открива контрастот на нештата во овој свет во кој сè повеќе го снемува човекот и врз лицето на глобусот ни ја создава фантастичната метафорична слика за ветрот кој  го персонифицирал како пајак што ни ја плете црната пајажина што ни навлегува во мислите и го слушаме како гавран што нè клука како длето и во нас го ваја стравот од сето она што се случува пред сите закани на уништувањето“ – истакна Борче Панов во своето излагање.

Според проф. д-р Златко Жоглев „„Небо врз црвливи диреци“ е поетска збирка која нуди длабоки размислувања и емоционални доживувања, претставени преку префинето избрани зборови и ритмика. Преку различните теми и фази на животот, Андоновски успева да го пренесе својот уникатен поглед на светот и да го поттикне читателот на размисла и саморефлексија“.

„Книгата „Небо врз црвливи диреци“ на Божин М. Андоновски, всушност е потрага по најдлабокото чувство кое авторот го врзува со реалноста, таква каква што е, и неговото целосно отфрлање на можноста каква било лага да ги извалка доказите дека таа е до својата срцевина изгниена, најчесто изопачена и неретко сурова и сирова до болка“ истакна проф. д-р Гордана Стојаноска на крајот од претставувањето.