Новости

СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „КНИЖЕВНИ ВЕРТИКАЛИ“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА МНД, БИТФЕСТ 2026

20.09.2026 г.
СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „КНИЖЕВНИ ВЕРТИКАЛИ“ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА МНД, БИТФЕСТ 2026

Oтворањето на второто издание на книжевниот фестивал „Книжевни вертикали“ во организација на Македонско научно друштво – Битола, друштво со 66-годишна традиција во поврзувањето на науката, уметноста и културата, започна на 18 август 2026 година во свечената сала на Културниот и информативен центар Офицерски дом – Битола со свечното обраќање на претседателката на Друштвото, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, која истакна дека „фестивалот е замислен како простор за афирмација на современата македонска и светска книжевност, за развој на читателската култура и книжевната критика, но и како место за непосреден дијалог меѓу авторите, младите творци, академската и културната јавност“. Таа исто така посочи дека во рамките на фестивалот се предвидени и книжевни прошетки и креативни работилници во движење во Хераклеја, на Широк Сокак, црквата „Св. Димитрија“, Стара чаршија, но и промоција на списанието „Современи дијалози“ и тркалезна маса за улогата на вештачката интелигенција во книжевното творештво. Претседателката се заблагодари на Општина Битола и на градоначалникот за финансиската поддршка за реализација на фестивалот во рамките на Битфест, а благодарност искажа и за целиот организациски тим, до Весна Мундишевска-Велјановска за несебичниот влог во графичкиот дизајн на материјалите и до ликовниот уметник Васко Ѓоргиев за подарените уметнички дела со мотиви од Битола посебно изработени за гостите од странство. Збор зеде и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски кој го поздрави фестивалот и зборуваше за значењето на Битфест за Битола како и за улогата на книжевноста во развојот на културната свест кај граѓаните. Во првиот дел од вечерта беа книжевно претставени поетите Лулзим Тафа од Косово, Димитрис П. Краниотис од Грција, Калина Изабела Зјола од Полска и Арјан Т. Калчо од Албанија, а потоа настапија македонските поети: Даниела Андоновска-Трајковска, Оливера Андоноска, Лили Бошевска, Милица Димитријовска-Радевска, Петре Димовски, Златко Жоглев, Никола Илијовски, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Габриела Стojаноска и Мирјана Стојановска. Настанот го модерираше проф. д-р Билјана Граматковски, а свој музички настап на пијано имаше Злата Даниловска.