„… во кругот на гергефот можат да се сретнат традицијата и современоста, раката и мислата, минатото и иднината, личното и колективното, уметноста и секојдневието. Тоа што изгледа како едноставна рачна техника може да стане начин на раскажување. Везот не се чита само со зборови, туку и со боја, форма, бод и симбол… кога нишките ќе ги ставиме една до друга, кога ќе ги протнеме низ истото платно, токму тогаш тие раскажуваат приказна и така конецот станува збор.“ – вака започна поетското кафе во Кафе бар Пионерски дом на 20 август 2026 г. како дел од инспиративното предавање на проф. д-р Биљана Цветкова Димов за значењето на везот од културолошки, социолошки, уметнички, историски, но и книжевен аспект. На третиот ден од меѓународната манифестација „Книжевни вертикали“ во организација на Македонско научно друштво – Битола поетите везеа и со конци и со зборови. Водени од вештата рака на Живка Танушева Ицаноска, наставничка од текстилната струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола, тие создадоа вез со логото на „Книжевни вертикали“, а потоа со своерачен потпис на платното го овековечија својот влог во создавањето трајни поетски пријателства. Исто така, рачно ги испишаа своите стихови за Битола врз посебно изработена рециклирана хартија од учениците од графичката струка на СОУ „Таки Даскало“ – Битола под менторство на наставничките по графички стручни предмети Валентина Ристеска и Весна Мундишевска-Велјановска. Поетските автографи станаа дел од поетската инсталација која ќе биде трајна поставка во просториите на Македонско научно друштво – Битола. Поетите најдоа инспирација и во изложените ликовни дела во Галерија и музеј „Ранко Струмениковски“, дел од изложбата ,,ТОПОС” на современа полска графика каде беа топло пречекани од д-р Драган Ристевски.
Фото: Ивана Христова






