Одделение за лингвистика и литература
Татјана Срцева-Павловска

Проф. д-р Татјана Срцева-Павловска е вонреден професор по англиски јазик и англиска и американска книжевност на Факултетот за странски јазици при Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС).

Нејзината професионална кариера започнува во Министерството за одбрана и АРМ, каде работи како соработник за односи со јавност и интернет, а паралелно и како преведувач на писмена кореспонденција и уредник на веб-страницата на Министерството за одбрана и АРМ. Во текот на професионалниот развој има работено и како професор по англиски јазик во средно образование и како лектор по англиски јазик. Во високото образование е ангажирана повеќе од една деценија како доцент и вонреден професор по предмети од областа на британската и американската книжевност и цивилизација на Факултетот за странски јазици при АУЕ-ФОН, во одделенијата во Скопје, Струга и Струмица.

Нејзините истражувачки интереси се во областа на книжевната критика, визуелните уметности, родовите и феминистичките студии, со посебен интерес кон претставувањето на субверзивноста на женското лудило во литературата, како и кон репродуктивните права и слободи на жената. Алумна е на Стејт департментот на САД и на Американската амбасада во Скопје во рамки на програмата на Американскиот институт за современа американска литература - SUSI. Активна е во Македонско-американската алумни асоцијација, а од 2025 година е член и на Македонското научно друштво – Битола, Одделение за лингвистика и литература.

Како визитинг професор, била ангажирана на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, на Катедрата за преведување и толкување, како и на Педагошкиот факултет при УКЛО – Битола, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Долги години има работено и како надворешен научно-стручен соработник на Бирото за развој на образованието, каде учествува во развојот и ревизијата на националните наставни планови и програми по англиски јазик за основното и средното стручно образование.

Автор е на бројни научни и стручни трудови и монографии, ментор на дипломски трудови и член на комисии за одбрана на магистерски и докторски трудови. Рецензент и соработник е на повеќе домашни и меѓународни научни списанија, меѓу кои Respectus Philologicus (Литванија), Jordan Journal for Modern Languages and Literature (Јордан), Преводилац (Србија) и Палимпсест, Контекст и Хоризонти (Северна Македонија). Во 2025 година била член на организациско-научниот одбор на меѓународната конференција „Преводот и толкувањето денес: истражување и професија“ во организација на Здружението на научни и технички преведувачи на Србија.

Активно се занимава и со книжевен превод. Меѓу нејзините преводи се Нови бајки од Македонија, претставени на Саемот на книга во Франкфурт во 2024 година, серија беседи за „Струшките вечери на поезијата“, како и преводи на книжевни класици. Повеќегодишен обучувач е во преведувачките студентски работилници „Вавилон – нова генерација“, под покровителство на Europe House – Скопје и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Со студентите учествува и во проектот EFACIS „Литературата како превод IV“, посветен на преведување раскази од ирската писателка Ен Енрајт.

Во 2019 година учествувала на Меѓународната летна школа „Текст и контекст – Модернизам“ во Единбург. Долгогодишен активен член е на Руското здружение за американски културни студии и учествувала на бројни меѓународни научни конференции при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, во соработка со Институтот за американски и канадски студии „Георги Арбатов“ и Руската академија на науките. Во периодот 2022–2026 година била член на Сенатот на Универзитетот АУЕ-ФОН.